Речиси 300 бездомници се вакцинирани против коронавирус во Романија, што ја прави една од првите европски земји кои ги издвоиле како приоритетни луѓето кои немаат свој дом, соопштија денеска романските здравствени власти.
„Овие луѓе се меѓу најзагрозените од инфекција. На повеќето им е тешко да ги следат мерките за контрола на заразата“, изјави министерот за здравство Андреј Бачиу.
Букурешт одлучи да ги придвижи бездомниците на приоритетната листа, следејќи ги стапките на Данска по притисокот од хуманитарните организации. Сега луѓето кои спијат на улица се на исто ниво со луѓето над 65-годишна возраст, хронично болните лица и наставниците, и малку под здравствените работници. Мобилни екипи за вакцинација ги посетија засолништата во неколку романски градови, вклучително и главниот град, во последните неколку дена.
Повеќе од 1.300 лица се регистрирани како бездомници во Романија, но вистинскиот број е неколку пати поголем. Вкупно 282 од нив ја примија првата доза од вакцината, а 246 се веќе ревакцинирани.
Со речиси 20 илјади смртни случаи од ковид-19 меѓу своето население од 19 милиони жители, Романија досега вакцинирала 771 илјади од крајот на декември.
Околу 224 илјади луѓе примиле само една доза, а 547 илјади граѓани се веќе ревакцинирани.