Дијалогот е отворен, законските решенија ќе одат во Собранието, тука се амбасадорите на земјите членки и Европската делегација да ни помогнат и сите заедно ќе изнајдеме убаво решение што ќе приличи на мултиетничка Република Северна Македонија, изјави премиерот Зоран Заев во врска со етничката припадност да се впише во личните карти. Премиерот рече дека ќе ги следат европските препораки и оти тоа за нив впишувањето етничка припадност е прифатливо, бидејќи, рече сме мултиетничка земја.
„Државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Етничката определба е определба на секој граѓани. Дури и Струмица е повеќе етничка, а не Македонија, сме навистина мултиетничка земја и правото на определба треба да го почитуваме. Во тој дел ќе ги слушаме и европските директиви заради тоа што сакаме да бидеме членка на ЕУ. Може да се изнајде решение на определба за да нема каква била дискриминација или каква било пречка“, рече Заев.
Претходно, евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека главната ЕУ регулатива кога станува збор за ова прашање е општата регулатива за заштита на лични податоци, што го забранува споделувањето на лични податоци како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност.
„Во Европската Унија, личните карти во моментов се се уште регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, што ги содржи првите правила кои се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи на сила во август 2021“, рече Гир.
Тој додаде дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Северна Македонија да постигне напредок на ова поле затоа што, посочи, ова е едно од првите работи што би се оценувале при почетокот на проговорите.
Предлогот за внесување етничка припадност во личните карти е на владиниот коалициски партнер Беса, како дел од предизборниот договор со СДСМ, а го поддржа и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата Левица, која има двајца пратеници поднесе 1200 амандмани против предлогот.