Денес сме на протест организиран од страна на Рестораните за организирани настани и ноќните клубови со цел да изразиме незадоволство од 5тиот пакет мерки во кој сме целосно заборавени и заедно со останатите комплементарни дејности – музичари, фотографи, студија за декорации, слаткарници, цвеќарници, шминкери и модни дизајнери, да испратиме апел до Владата, изјави на денешниот протест на угостителите во Скопје, Перица Голомеиќ, во име на угостителите.
Тие, како и музичките групи, бараат Владата да ја укине мерката за забрана за организирање свадби и слични веселби, како и да им помогне, бидејќи, како што велат, трпат огромни економски последици од ковид пандемијата.
„Ние немаме ограничување во дејноста, ние имаме забрана за вршење на нашата примарна дејност за која сме ги отвориле објектите и доколку работиме треба кривично да одговараме, ние 5 месеци од сопствени средства даваме плати за нашите вработени. Државата ни помогна 6 месеци. 11 месеци од сопствени средства плаќаме камати на кредити, кирии, комунални трошоци, осигурување, обезбедување и останати режиски трошоци. Владата да ја укине уредбата и бараме да работиме под најригорозни протоколи“, посочи тој.
Претходно, министерот за економија, Крешник Бектеши, оцени дека угостителите имале доволно помош во четвртиот пакет мерки и дека не се заборавени ниту во петтиот пакет економски мерки и дека смета оти „денешниот протест е ултиматум за државата“ и дека не прифаќа ултиматуми, но ги охрабри да протестираат.