Гир: ЕУ нема да дозволува споделување на етничка припадност

Eвроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир

Главната регулатива на Европската унија (ЕУ), кога станува збор за ова прашање (внесување на етничка припадност во личните карти, н.з.) е општата регулатива за заштита на лични податоци, што го забранува споделувањето на лични податоци како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност, изјави денеска евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, одговарајќи на новинарско прашање.

„Во Европската Унија, личните карти во моментов се сеуште регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, што ги содржи првите правила кои се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи на сила во август 2021“, рече Гир на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши по повод претседавањето на земјава со ЦЕФТА.

Евроамбасадорот додаде дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Македонија да постигне напредок на ова поле затоа што, посочи, ова е едно од првите работи што би се оценувале при почетокот на проговорите.

Вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека од амбасадор на една соседна држава добил „сериозно предупредување“ за идејата за впишување на националноста во личните карти. Денеска премиерот Заев, на тоа одговори дека впишувањето на националноста во личните карти била дискутирана со грчкиот амбасадор во земјава, како и тоа дека за впишување на етничката припадност во личните карти немало предупредување од никого.

Предлогот за бнесување етничка припадност во личните карти е на владиниот коалициски партнер Беса, а го поддржа владејачкиот СДСМ. Опозицијата и дел од јавноста се против предлогот, со образложение дека тоа ќе предизвика поделби.