Немаше дипломатско предупредување за личните карти, тврди Заев

Macedonia - ID cards, generic - 24Dec2015

Немам јас такво предупредување, нуту каков било разговор за каков и да било аларм или предупредување дека некој би реагирал, изјави денеска премиерот Зоран Заев по вчерашната изјава на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека „од амбасадор на една соседна држава добил сериозно предупредување за идејата за впишување на националноста во личните карти“.

Премиерот Заев денеска рече дека впишувањето на националноста во личните карти била дискутирана со грчкиот амбасадор во земјава и дека правеле проверка по дипломатски патишта уште пред две години.

Предлогот за впишување на националната припадност во личните карти е на коалициониот партнер на владејачкиот СДСМ, Беса, од каде тврдат дека тоа нема да предизвика поделби. Предлогот е прифатлив за СДСМ, но опозицијата и дел од јавноста силно реагираа на предлогот.

„Немам јас такво предупредување, нуту каков било разговор за каков и да било аларм или предупредување дека некој би реагирал. Нормално беа, имаше состанок со амбасадорот на Грција, добија повратна информација. Ние по нашите дипломатски патишта тоа сме го провериле уште во времето кога тоа беше ветено во 2019 година, во почетокот на годината, кога се гласаа уставните промени согласно Преспанскиот договор. Така што нема никакво предупредување поради тоа што се работи за идентитетски прашања, како на Македонците, така и на Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и сите други“, рече Заев.