Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница констатирала дека во врска со случајот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа е прекршен Кодексот за однесување на членовите на Владата според кој носителите на извршните функции не смеат да вршат друга дејност која може да влијае врз непристрасно вршење на нивната должност и овластување.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, информира дека ќе се испрати барање до овластеното лице за следење на етичкиот кодекс на Владата да преземат соодветни мерки кон министерот Хоџа. Таа се осврна на изјавата дадена од министерот Хоџа кој, според неа, рекол дека „водењето приватна фирма е приватен бизнис и нема никаков судир на интерси се додека таа фирма не добива никаква помош од страна на државата“.
„За мој личен бизнис одлучувам јас и не може да одлучува ДКСК и сум подготвен за каква било постапка да дадам одговорност”, ја цитираше Ивановска изјавата на министерот Хоџа.
ДКСК на денешната седница го офрлила случајот во однос на набавката направена од страна на поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев на телефонски апарати со поголема вредност од утврдената согласно Правилникот за користење телефони, како и за сумата за разговори на телефон. На денешната седница ДКСК утврдила и дека Град Скопје нема исплатено средства кон адвокатското друштво „Шилегов и партнери” и поради тоа постапката се запира.