Премиерот Зоран Заев денеска информираше дека од Министерството за образование и наука добил информација за промена на учебниците што се подготвува за следната учебна година, и дека тогаш ќе биде променет и учебникот по Географија, кој постои од 2002 или 2006, но, како што рече премиерот, проблемот првпат е увиден во 2018 година и доаѓа за промена токму сега.
Заев рече дека во овој учебник, и сегде каде „имало содржини кои навредуваат, повредуваат или не се соодветни, треба да бидат и ќе бидат отстранети“. Интервенцијата во учебникот по географија за втора година од средното образование доаѓа и по протестот на партиската младина на партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои минатата недела укажаа „на навреди и невистини во тој учебник“ и на протестот ги скинаа и ги запалија страниците каде тие „навреди за Албанците“ се напишани. Како пример за „невистина и навреда“ тие го посочија делот кај што, според нив, пишува, „албански окупатор во западна Македонија“.
Министерката за образование и наука Мила Царовска и нејзиниот претходник Арбер Адеми, вчера на работен состанок со вицепремиерот Артан Груби разговарале за концептот на реформи во образованието и за Законот за учебници за основно и средно образование, по што од Кабинетот на Груби соопштија дека е договорено „отстранување на неправди од учебниците“.