Костовски до Муареми: Повикајте не мене и Оливер Спасовски за Еуростандард банка

Еуростандард банка / Eurostandard bank

За случајот со Еуростандард банка навестувате излез од тунелот, но најодговорно тврдам дека патот по кој сте тргнале да го откриете криминалот во Еуростандард банка е ќор-сокак, доколку и вие како институција учествувавте во креирањето на обвинителниот акт за истрага од страна на Јавното обвинителство, реагираше денеска бизнисменот и мнозински акционер во банката, Трифун Костовски, до директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми.

Костовски се повикува на изјава на Муареми во неделното интервју на Слободна Европа од 14 февруари 2021, во кое за случајот со Еуростандард банка директорот на Финансиската полицијанајавува „излез од тунелот“.

Еуростандард банка ја изгуби дозволата за работа во август поради неконтролираното преземање ризик за кредитирање и големото издвојување на резервации за кредити кои не се враќале на време. Според податоците на Фондот за осигурување депозити, над 70% од клиентите со заштеди до 30 000 евра ги подигнале средствата кои им беа заробени, додека останатите 780 депоненти кои имаат поголеми износи остатокот ќе треба да си го бараат од стечајната маса.

„Ваквиот мој став го темелам врз база на обвинението со кое Јавното обвинителство покрена истрага – наједноставно кажано, обвинението претставува фрлање прав во очите на акционерите и голема невистина за целата јавност. Жалосно е што живееме во држава каде што институции на системот кои треба да го гонат организираниот криминал се ставени под диригентската палка на Владата на Република Македонија и ресорните министри, вклучително и првиот ешалон на Народна банка. Дали воопшто вие како институција го пратите работењето на Народна банка и дали откривате девијантни процеси во нејзе или пак ја сметате Народна банка како недопирлива и навидум изгледа дека се во македонија е криминогено, а само Народна банка е најсветол пример за чесна и професионална институција?“, вели Костовски во реакцијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Муареми - За Еуростандард банка се гледа крајот на тунелот

Бизнисменот Костовски му вели на Муареми, за овој став „слободно може да го гони“, но со професионален пристап, бидејќи, како што додава, „обвинението за истрага по повод стечајот на Еуростандард банка е во најмала мера смешно“, како и тоа дека изнесените факти во него за него се непознаница.

Костовски во писмото, преку Муареми, се обраќа и до Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, да одговори на прашањето „зошто како Премиер на Техничката Влада, носи уредба со сила на закон објавена во Службен весни на 24 март 2020 година, во која децидно се вели: нема покренување на стечај на кој било правен субјект минимум три месеци по завршувањето на вонредната состојба?“.

„Господине Муареми, би верувал во вашата професионалност, доколку го повикате вашиот актуелен претпоставен на распит, точно по двете уредби на Техничката Влада кои директно се повзани со стечајот на Еуростандард банка. Вие сами одлучете господине Муареми. Стојам на располагање за секаков ваш интерес по повод стечајот на Еуростандард банка. Сето ова го барам од причина што должни сме да најдеме каде завршиле парите кои се украдени од Еуростандард банка. Само така ќе ја добиете мојата подршка и почит“, стои во реакцијата на Костовски.