Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошникот генерален секретар на НАТО Дејвид ван Вел, како претседател на Одборот за управување со сајбер одбраната во НАТО, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка на полето на сајбер одбраната меѓу Северна Македонија и НАТО. Овој Меморандум за разбирање има за цел да ја подобри и унапреди соработката и помошта во полето на сајбер одбраната помеѓу НАТО и националните органи за сајбер одбрана.
„Сајбер – безбедноста е област која ја сфаќаме многу сериозно. Меморандумот за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната, овозможува координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад и е сериозен придонес во зајакнувањето на националните капацитети за справување со сајбер напади, како и во зајакнувањето на отпорноста на Алијансата”, изјави министерката Шекеринска.
„Сајбер одбраната е приоритет за НАТО и неговите сојузници. Зајакнувањето на отпорноста кон растечките сајбер закани е од критично значење, и овој Меморандум за соработка во сајбер одбраната кој го потпишавме со Северна Македонија е важен чекор во таа насока”, рече помошникот генерален секретар Ван Вел.