Заев: ДИК побрзо да набави апарати за гласање со отпечаток

Архивска фотографија од предвремените парламентарни избори 2020

Премиерот Зоран Заев денеска апелираше до Државната изборна комисија (ДИК) брзо да влезе во постапката за набавка на апарати за гласање со отпечаток од прстот, за да може да се исполни законски вграденото решение.

„Ќе направиме се да набавиме тоа што зависи од нас. Министерот за финасии реагираше конкретно – пари во буџетот има, ако фалат – имаме ребаланс. Секако за тоа да се направи дадовме писмено одобрение од страна на Финасии за да може претседателот на ДИК и целата ДИК да влезат во постапка на набавка на апаратите за отпечаток од прстот“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање за претстојните локални избори на денешната прес-конференција.

Премиерот верува дека ќе се стаса со тоа до локалните избори, бидејќи, како што рече, има уште околу осум месеци, а со современите европски технологии очекува тоа брзо да се направи. Според него, тоа може да ја зголеми довербата во гласачкиот процес.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлагаше да се набават читачи на отпечаток од прст за локалните избори и тие да се искористат и за претстојниот попис на населението, за, како што рекоа, „поверодостојна статистичка операција“.