Средношколците и Заев се договорија - Матура на 5 јуни со 2 екстерни и 2 интерни предмети

Заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев и лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата за матурата

Државната матура ќе биде на 5 јуни, наместо на 29 мај, и ќе се полагаат два екстерни предмети и два интерни, наместо три екстерни и еден интерен. За ова денеска се договориле и го соопштија премиерот Зоран Заев и претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, на заедничка прес-конференција пред Владата.

На средбата било договорено и да се формира работна група од Бирото за развој на образованието и Сојузот на средношколци, во која ќе има и наставници, која ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити и со која ќе претседава претставник од Кабинетот на премиерот.

Сојузот на средношколци и неговите поддржувачи неколку недели протестираа, па дури и ја бојкотираа насатавата, барајќи намалување на бројот на предмети за матурата од 4 на 2. Минатата недела Сојузот го стави во мирување бојкотот, за, како што изјавија, да се даде шанса за договор.

По денешната средба, премиерот Зоран Заев рече дека со овој компромис ќе се обезбеди со овие дипломи тие да можат да конкурираат на универзитетите и тука и во странство, што е целта на државната матура.

„Ги охрабруваме сите млади да бидат гласни и да се борат за подобрување и да ни укажуваат на секој проблем, кој низ дијалог ќе ги решаваме“, изјави Заев по денешната средба.

Средношколскиот лидер по средбата рече дека им честита на средношколците за упорноста во барањата и ги соопшти останатите детали од договореното.

„Работната група да ја зааврши работата најдоцна до март, материјалите за испитите да им бидат достапни на учениците најмалку три недели пред испитот, а банките со прашања да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања… Ние не баравме да не учиме, туку да има промени во начинот на полагање на матурата, да биде прилагодено на услови кои одговараат на наставаат како што таа се одвива“, рече Ходаи.