Судот во Стразбур бара итно ослободување на Навални

Рускиот опозиционер Алексеј Навални

Европскиот суд за човекови права повика на итно ослободување на рускиот опозициски политичар Алексеj Навални, но руската влада брзо го отфрли ова барање.

Судот со седиште во Стразбур денеска на својата веб страница објави дека на 16 февруари, совет од седум судии на Судот одлучил да ѝ укаже на владата на Русија, според правилото 39 од Деловникот на Судот, да го ослободи Навални, кој се пожалил пред Судот.

Рускиот министер за правда Константин Чујченко пред новинарите изјави дека барањето на судот е „неразумно и незаконско“, тврдејќи дека „нема законски основи“ за ослободување од притвор на Навални.

Навални, кој е остар критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде се лекуваше по труењето со нервен гас. Навални обвини дека зад неговото труење стои Путин, а официјален Кремљ го негира тоа.

Неговото притворање предизвика многу реакции во западниот свет и протести низ цела Русија. Судот во Русија на 2 февруари пресуди дека Навални е виновен за кршење на условите од претходната условна казна во врска со случајот за проневера.