Дер Лајен: Мора да се прилагодиме на брзите ковид мутации

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, официјално ја најави програмата за да се подготви Европската унија (ЕУ) на брзите мутации на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Новиот инкубатор ХЕРА, што го најави Европската Комисија, ќе соработува со државите, биотехнолошките компании и научниците за да ја подобри подготвеноста на Европската Унија за навремено детектирање на новите мутации на Ковид-19. Врз основа на работата на ХЕРА, Европската Унија треба да биде способна брзо да одговори на предизвиците преку адаптирани вакцини и третмани. Европските власти нагласуваат дека со развојот на соевите на коронавирусот се зголемува потребата за производство на вакцини, како и дека инкубаторот ќе послужи како темел за потенцијалните здравствени вонредни состојби во иднина. Со оваа програма Европската Комисија ќе поддржи развој на специјализирани тестови за новите мутации на вирусот со помош од 75 милиони евра за земјите членки, и треба да се помогне зголеменото производство на вакцини.

„Наш приоритет е да обезбедиме сигурен и ефикасен пристап до вакцините против Ковид-19 за сите Европејци што е можно побрзо. Истовремено новите варијации на вирусот брзо се појавуваат и мораме да ја адаптираме нашата реакција уште побрзо. За да бидеме на врво денеска го отвораме инкубаторот ХЕРА кој ќе ги здружи науката, индустријата и јавните власти“, изјави претседателката фон дер Лајен на прес конференција во Брисел денеска.