Историјата треба да биде оставена на историчарите, а билатералните прашања да се решаваат во билатерален формат, изјави денеска известувачот во Европскиот парламент за Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е во посета на Македонија.
„Важен дел од секоја рамка се добрососедските односи. Потребно е да се врати меѓусебната доверба, со цел да изградиме здрави добрососедски односи за идните генерации. Разговорите за историјата треба да бидат оставени на професионалци. Политичарите се одговорни да носат политички одлуки, не да ги сокријат под килим, и да речат виновни се историчарите“, рече Ќучук на денешната заедничка прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Во однос на нацрт-резолуцијата за земјава, што претстои да се усвои од страна на Европарламентот, Ќучук рече дека неговата улога како известувач е објективна и ја отсликува реалната слика за земјава, истакнувајќи дека Македонија има силен ангажман во реформите.
Шефот на македонската дипломатија, Османи, рече дека Македонија испорачала резултати на сите полиња и заслужува вреднување, а Европската унија треба да ја операционализира одлуката од март минатата година и да ја одржи првата меѓувладина конференција.
Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка на ЕУ и Македонија, со образложение дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство. Софија бара и Македонија да призџнае бугарски корени, на што македонската Влада одговори дека за идентитетот, народот и јазикот нема да се преговара. Вчера беше најавена скорешна средба на шефовите на дипломатиите на Бугарија и на Македонија, на која треба да се стави на маса и Акцискиот план. Тој план е речиси готов, но се уште јавно не е позната неговата содржина.