Очекуваме кривичен прогон на сторителите на случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“, побара денеска „Платформата за родова еднаквост“, на прес-конференција пред Министерството за внатрешни работи во Скопје.
Во овој случај беа злоупотребени лични податоци и фотографии од поголем број претежно малолетни девојки. Кривичниот суд им одреди притвор од 30 дена на креаторот и администраторот на „Јавна соба“, а од Судот информираа дека пред судија на претходна постапка биле спроведени две лица осомничени за кривичното дело - Производство и дистрибуција на детска порнографија.
„Бараме итна испорака на резултати на нашите барања, со рок до 8 март, кои ќе ни покажат дека конечно преземате мерки и започнувате со нивна реализација, во спротивно ќе протестираме додека работите не почнат да се решаваат“, рече денеска Бојана Јовановска од Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организаторки на протестите за случајот „Јавна соба“.