Не сакам да заземам место од овие првични дози на вакцини, кои се навистина броени, на колегите кои директно работат со пациентите, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по почетокот на имунизацијата од ковид-19 во Македонија. Тој додаде дека ќе се вакцинира во некоја од следните тури на вакцини. Министерот посочи дека вакцините се безбедни, со развиени безбедни платформи, и се единствен начин за развивање на колективен имунитет.
„Сметам дека здравствените работници се и тоа како свесни за важноста на имунизација, и тогаш кога кажав и сега повторувам ќе се вакцинирам, со цел да укажам и да покажам дека вакцините се безбедни, дека се развиени на безбедни платформи, дека тоа е единствен начин да се развие колективен имунитет и да се смени сликата на пандемијата“, изјави Филипче по стартот на вакцинацијата на здравствените работници во Модуларната болница во Скопје.
Видео од почетокот на вакцинирањето против ковид-19 во Македонија
Претпладнево во 10 часот почна вакцинирањето против ковид-19. Првата вакцина ја прими д-р прим. Добринка Наунова Јовановска од Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Докторката е вакцинирана со вакцината на производителот Фајзер кои во недела пристигнаа од Србија, која на Македонија ѝ отстапи дел од своите вакцини.