Талибанците ги повикаа САД да го почитуваат договорот според кој сите странски сили треба да го напуштат Авганистан до мај 2021 година во замена за безбедносни гаранции од милитантната група.
Во отвореното писмо упатено до американскиот народ, милитантната група го повика Вашингтон да остане целосно посветен на договорот што беше постигнат во Катар пред една година и го отвори патот за тековните мировни разговори.
„Ја повикуваме американската страна да остане посветена на целосното спроведување на овој договор. Одговорност и интерес е на сите да се стави крај на оваа војна, а спроведувањето на договорот во Доха е најефективниот начин да се стави крај“, се вели во писмото потпишано од заменик-лидерот на групата Мула Абдул Гани Барадар.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден изјави дека го разгледува договорот меѓу САД и Талибанците за да утврди дали милитантната група ги исполнува своите заложби, вклучително и постигнување на примирје и вклучување во значајни преговори со авганистанската влада.
И покрај започнувањето на мировните разговори меѓу преговарачите на Авганистан и талибанците во септември 2020 година, насилството продолжи во земјата. Пентагон минатиот месец ги обвини талибанците дека не ги исполнуваат своите ветувања за намалување на насилството и откажување од нивните врски со Ал-Каеда.