Захариева: Лага е дека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет

Министерска за надворешни работи Екатерина Захариева

Министерска за надворешни работи Екатерина Захариева изјави дека не е точно дека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет. „Тоа е лага“, вели таа во интервју за zoom.mk.

„Многу пати сме го кажале и вашите политичари го знаат тоа. Но, пред македонското општество и пред европските политичари полесно е да се претставува дека ние го оспоруваме вашиот идентитет. Прашањето дали го оспоруваме идентитетот беше решено со чинот на признавање на независноста на Република Северна Македонија од Бугарија, како прва земја“, порачува Захариева.

Според неа, секојдневните навредливи изјави, лагите кон бугарската позиција и народ им штетат на билатералните односи и може да доведат до промена на ставот на Бугарите. Според неа, решението на проблемот меѓу двете земји е во враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство и негова имплементација.

„Забележавме постепено отстапување од обврските од Договорот веднаш штом Република Северна Македонија стана наш сојузник во НАТО. Не сакам да мислим дека договорите беа потпишаа само со цел Бугарија да каже „да“ и потоа да престанат да се спроведуваат“, вели Захариева.

Таа оценува дека земјава треба да ги почитува своите обврски од договорот и да „престане потткнувањето омраза кон Бугарија и Бугарите“.