Заев го одби условот на ВМРО-ДПМНЕ за лични карти без „Северна“

„Сакам да водам љубов, ама никако да се прегрнам со партнерот“, изјави денеска премиерот Зоран Заев за условот на ВМРО-ДПМНЕ да прифати етничка определба во личните карти и за сметка на тоа да ја нема придавката „северна“ на името на државата. Заев нагласи дека ако сака опозицијата да даде поддршка, тоа треба да биде со уставното име, а тоа е Република Северна Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека ќе прифатат етничка определба во личните карти, но придавката Северна да не стои во нив бидејќи уште не биле поминати 5 години како што тоа е предвидено со Преспанскиот договор.

„Дефинитивно треба да се поддржат вакви работи оти сме мултиетничка држава. Ние сме пример за соживот и за многу развиени држави. Уставот вели дека нашата земја е Северна Македонија, така да нека не бараат изговори“, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата на која го претстави петтиот пакет економски мерки за справување со последиците од ковид пандемијата.