Презентиран 5. ковид пакет: 9,7 милијарди денари за 29 мерки

Зоран Заев

Петтиот економски антикризен пакет тежи вкупно 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра, содржи 29 мерки кои се распоредени во четири главни столба: директна финансиска поддршка за компаниите во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити со неповратна компонента, креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на Царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и директна помош за граѓаните, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.

Заев на прес-конференција во Владата истакна дека 91,7 милиони евра од вредноста на пакетот се директни буџетски трошења.

„На денешната владина седница е затворен пакетот за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството. Овој пакет директно се надоврзува на претходните четири и има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на раст од 4 – 5 проценти, односно на динамиката на раст што ја имавме пред пандемијата“, рече Заев.

Поддршката од повеќето мерки, додаде премиерот, ќе се користи до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата. Мерките се донесени низ дијалог и партнерство со сите релевантни чинители – стопанските комори, работодавачите и синдикатите, како и изминатите четири пакети, проследени со сериозни анализи од институциите.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ова е уште еден „грабеж“.

„Новиот пакет на мерки со кој се фали владата е неразвоен и нема да одговори на потребите на стопанството и граѓаните, туку е ново пљачкање на државата, додека бизнисот и граѓаните трпат“, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.