20 странски конзорциуми сакаат да ја градат пругата кон Бугарија

Мапа за планираната железничка пруга до Бугарија

Дваесет апликации се доставени за учество на тендерот за доизградба на првите две делници од пругата кон Бугарија, што го објави Европската банка за обнова и развој, изјави денеска за МИА, Хари Локвенец, директор на Македонски железници Инфраструктура. Според него, станува збор за меѓународни конзорциуми, а осум од апликациите се за првата делница Куманово-Бељаковце, и 12 за втората, Бељаковце-Крива Паланка.

На првата делница во должина од 31 километар, според Локвенец, се завршени 54 проценти од градежните работи, кои беа прекинати откако германски „Вибе“ еднострано го раскина Договорот за изведба. Втората делница е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција, а за третата, од Крива Паланка до границата со Бугарија која е во должина од 24 километри, досега се обезбедени 60 милиони евра и се работи на обезбедување на останатите потребни финансии. Предвидено е првата и втората фаза заедно да се реализираат во рок од 36 месеци.