Османи: Акцискиот план при крај, ќе бидеме рационални место емотивни

Илустрација - Вицепемиерот за европски прашања Никола Димитров, шефот на дипломатијата Бујар Османи и премиерот Зоран Заев

При крај сме со дефинирањето на Акцискиот план, а во дијалогот со Бугарија, емоциите ќе се заменат со рационален пристап, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Чувството беше дека во првата фаза дијалогот помеѓу нас и Бугарија беше премногу емоционален, со премногу емоции во него, сметавме дека треба да го смениме пристапот во однос на овој дијалог, да воспоставиме повеќе рационален пристап во овие разговори и продолжување на комуникацијата во темите за кои имаме повеќе разбирање“, рече Османи, по денешното потпишување на договорот занамери за соработка со Западна Рајна Вествалија.

Тој вели дека со финализирањето на акцискиот план ќе може да се свика новата седница на меѓувладината седница која произлегува од Договорот од 2017 година.

„Имавме размени во дефинирање на тој акциски план и сметам дека сме при крај за дефинирање на тој план“, вели Османи.

Тој вели дека Акцискиот план е насочен кон соработка на линиските министерства кои ќе го подобруваат животот на луѓето од двете страни на границата. Минатата меѓувладина седница се одржа во Бугарија, а овој пат домаќин ќе биде Македонија.

Вчера германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, ги повика Скопје и Софија да изготват агенда која ќе покаже дека има соработка. Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка за пристапни преговори на Македонија и Европската унија, со образложение дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство, но и инсистира на признавање бугарски корени во идентитетот од страна на Македонија. Македонскиот премиер Зоран Заев прецизираше дека за идентитетот и јазикот нема никогаш да се преговара.