Европската комисија ја повика Унгарија да дозволи последната независна радио-станица во таа земја Клубрадио да продолжи со емитувањето по одбивањето на властите да ја продолжат лиценцата за емитување. Портпаролот на Европската комисија Кристијан Виганд рече дека Комисијата испратила писмо до постојаното претставништво на Унгарија во Брисел за да изрази загриженост во врска со Клубрадио. Комисијата побара од Будимпешта да преземе итни мерки за да се осигура дека Клубрадио може да продолжи да ја користи својата фреквенција се додека конечните одлуки не станат законски обврзувачки, рече Виганд, кој предупреди на „непоправлива штета“ на радиостаницата. Тој рече дека загубата на лиценцата на станицата се случила „врз основа на многу сомнителни правни основи“ и дека Унгарија „треба да ја почитува повелбата на ЕУ за основните права, вклучително и правата на слобода на изразување, информирање и слобода за водење бизнис“.
Замолчување? Во Унгарија затворено последното независно радио
Портпаролот рече дека Унгарија сè уште не испратила официјален одговор на писмото на Комисијата. Содржината на Клубрадио често е критична кон владата на премиерот Виктор Орбан. Во септември 2020 година, Унгарскиот национален орган за медиуми и инфокомуникации одби да му ја продолжи седумгодишната лиценца за работа на Клубрадио, велејќи дека станицата „повеќепати го прекршила“ законот за задолжителна регистрација со тоа што двапати доставувала документи доцна. Унгарија е под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, а Виганд сугерираше дека може да се преземат понатамошни активности против земјата доколку Комисијата утврди дека Клубрадио бил замолчен незаконски.