Турските власти денеска уапсиле 718 лица, вклучително и членови на прокурдската Народна демократска партија (ХДП), под сомнение за поврзаност со забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК), која пак е обвинета за убиство на 13 Турци во Ирак, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Турција .
„За време на претресот беа запленети многу оружје, документи и дигитален материјал на (терористичката) организација“, соопшти Министерството, додавајќи дека операциите во 40 градови низ целата земја сè уште траат.
Турското Министерство за надворешни работи пак денеска го повика на разговор американскиот амбасадор во Анкара. Според Министерството, нему ќе биде пренесена најостра реакција на Турција во однос на американската изјава за убиството на 13 киднапирани Турци од страна на курдски екстремисти на северот на Ирак.
САД вчера соопштија дека ги осудуваат убиствата доколку се потврди дека ПКК е одговорна. Американската изјава ја коментираше и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој рече дека нему изјавата му дејствувала како шега.
ПКК, која е обележана како терористичка организација во Турција, ја потврди смртта на група затвореници, но ја отфрли верзијата на Анкара. Курдските сили тврдат дека затворениците биле убиени во турските воздушни напади.