Околу 30 отсто од бугарските хотели нема да се отворат летово

Туристи во Банско, Бугарија

Се очекува околу 30 отсто од хотелите во Бугарија летово да не ги отворат своите врати, бидејќи работат според таканаречениот „индустриски принцип“, односно со нискобуџетните авиокомпании, што се едни од најпогодените од пандемијата, изјави Румен Драганов, претседател на Конфедерацијата на бугарскиот туристички бизнис.

Според него, од вкупно 17.000 сместувачки капацитети во земјата, само околу 8.000 најавиле дека ќе работат во текот на летните месеци.

„Нашите очекувања се дека пандемијата во голема мера ќе се намали во текот на летото, како што се случи минатата година, и дека повеќе туристички капацитети ќе работат“, изјави Драганов.

Тој додаде дека летниот туризам вообичаено сочинува околу 70 отсто од вкупниот обем на бугарскиот туризам. Што се однесува до тековната зимска сезона, таа, според него, бележи пад од 60 отсто во споредба со 2019 година.