Ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на широко позитивно поставување на агенда, која ќе покаже дека соработуваат, а тоа ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред кон одржување на првата конференција за пристапување кон Европската унија (ЕУ), изјави денеска германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, изразувајќи личен оптимизам и увереност во успех на ваквите активности.
„Започнувањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија беше во секторот на проширувањето една од нашите најважни цели во претседавањето на Германија. Ние можевме да дојдеме до спогодба со 26 земји, но 27 земји не дадоа согласност“, изјави денеска амбасадорка Холштајн одговарајќи на новинарско прашање на заедничка прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев, по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.
Амбасадорката додаде дека Германија и натаму останува посветена на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и дека се водат разговори на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни во тесна соработка со португалското претседателство.