Захариева: Бугарија и Србија не водат студена војна во Македонија

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева

Бугарија не води војна ниту со Република Северна Македонија, ниту со Србија, но не е тајна дека силното влијание на Белград во Скопје секако има тенденција кон српскиот јазик, српскиот бизнис и институции, изјави шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, во интервју за за бугарски „24 часа“, на прашањето дали Софија и белград водат студена војна во Македонија.

Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка на Европската унија со македонија, со образложение дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство. Освен тоа, Софија инсистира и Македонија да признае бугарски корени на својот идентитет.

Од тогаш односите меѓу двете држави реторички се затегнати и постојано доаѓаат и заканувачки и смирувачки пораки. По одлуката на македонската Влада за изучување на српскиот јазик во основните училишта, министерката Захариева изјави дека „враќањето на српскиот јазик во училиштата во Македонија ги негира тврдењата дека се раскинати врските со Србија и Русија“, и дека македонизмот е крација на Москва и Белград“.

Во интервјуто Захариева вели дека мора да се надминат недоразбирањата со Северна Македонија, но дека Бугарија си ги „штити националните интереси“. Таа додава и дека нема лошо во тоа Македонија да е пријател со Србија, но дека треба да биде пријател и со Бугарија. Од Скопје, пак, неколку пати беше испратена порака од премиерот Зоран Заев дека нема ни преговори ни отстапување од македонските црвени линии - идентитетот и јазикот.