ООН: 65 авганистански новинари убиени во последните три години

Мохамад Илјас Даје, репортер на Радио Слободна Европа кој беше убиен

Обединетите нации соопштија дека најмалку 65 новинари и активисти за човекови права биле убиени во Авганистан во последните три години во серија насочени убиства. Мисијата за помош на ООН за Авганистан во извештајот објавен денеска наведува дека во оваа бројка се вклучени 32 активисти за човекови права и 33 лица кои работат во медиумите.

Извештајот, кој ги евидентира убиствата од јануари 2018 година до јануари 2021 година, доаѓа во време на зголемени насилства, кога талибанските борци ги засилуваат своите напади врз владата и другите цели. Сепак, извештајот не ги обвинува Талибанците конкретно.

Мисијата соопшти дека нападите врз новинари и медиумски работници имале застрашувачки ефект, што ги натерало многумина или да се самоцензурираат или да се откажат од работата. Некои дури ја напуштиле земјата во потрага по поголема безбедност за себе и за своите семејства. Меѓу убиените во последните години беше и Мохамад Илјас Даје, репортер на Радио Слободна Европа, за радио Слободен Авганистан. Тој беше убиен во јужната провинција Хелманд во ноември при експлозија на бомба прикачена на неговото возило.