Македонија е земјата која што има најмалку вакцини во светот, а истовремено имаме најмногу мртви, рече денеска Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија овие денови ќе дојде до една ужасна бројка која што навистина е страшна, а тоа е 3.000 починати. Никој на светот нема повеќе мртви од Македонија по глава на жител. Зошто? Затоа што во Македонија се смета во статистиките со 2.1 милион жители, а реалната бројка е 1.7, 1.8 милиони жители“, рече Ѓорчев на прес конференција во партиското седиште.
Истовремено, рече тој, оваа Македонија на Зоран Заев и Венко Филипче е земјата која што има најмалку вакцини во светот.
„За жал, Македонија е буквално најлоша во светот кога станува збор за вакцини и имунизација на населението. А, Македонија е и истовремено земја со најмногу починати по жител на целиот свет“, рече Ѓорчев.
Инаку денеска од Србија пристигна првата пратка од 4680 вакцини од компанијата Фајзер. Вкупно треба да пристигнат 8000 од оваа компанија, а се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор во понеделникот. Вакцинацијата, како што соопшти министерството за здравство ќе почне од среда со здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, а од нив околу 2000 се во градот Скопје.