Петтиот пакет содржи 30 мерки кои може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните. Ова денеска го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој во Владата го престави финалниот предлог на петтиот пакет економски мерки за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, пред претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во земјата, на која присуствуваа и министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши.
„Се обидовме максимално да одговориме на барањата на стопанството и граѓаните и да ги креираме мерките да бидат лесно применливи“, нагласи Битиќи и соопшти дека директната финансиска помош за исплата на плати ќе продолжи со петтиот пакет на мерки, а за оваа цел се креирани два модалитети, при што самите компании ќе одлучат кој модалитет сакаат да го искористат.
Со вториот модалитет кој предвидува бескаматни кредити со кој се таргетираат компаниите од најпогодените сектори, како што кажа, средствата освен за исплата на плати, ќе може да се користат и за други потреби на компаниите.
Во петтиот пакет покрај финансиската поддршка за исплата на плати се планирани и низа на други мерки, за компаниите од туристичката дејност, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите, занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите од ковид кризата.