Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека нема ништо против да се воведе етничка графа во личните карти.
„Не гледам проблем во тоа, во личната карта да стои дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина. За жал, има и такви парламентарни партии кои од страна му служат на Зоран Заев, кои се обидуваат да го спречат тоа. Јас навистина не гледам зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец, а некој тоа сака да го спречи, затоа што им пречеше македонскиот јазик, Македонија, им пречеше АСНОМ и не знам што уште не им пречи, освен да крадат“, рече Мицкоски.
Тој рече дека инсистирал да стои етничката припадност и праша зошто сега тоа се сакало да се спречи со филибастеринг процедури.
„Зошто да му слугуваме на Зоран Заев кој има договор со Беса и сега бара преку некои странични други парламентарни партии, за кои самиот кажа дека им обезбедувал логистика и ресурси пред избори да нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ, сега да нанесат штета на македонскиот народ", рече Мицкоски.
Инаку по предлог на Беса, чии пет пратеници се дел од владејачкото мнозинство, а како дел од предизборната коалиција со СДСМ тие поднесоа предлог во личните карти да стои и етничката припадност. Предлогот влезе во собраниска процедура, но засега е блокиран, затоа што партијата Левица, која има двајца пратеници, поднесе над 1200 амандмани. Од партијата соопштија дека се против етничка поделба на кое било поле во општеството и поради тоа остро се спротиставуваат на овој предлог закон.
Премиерот Зоран Заев вчера рече дека тоа е овозможено со уставните измени и дека не гледа ништо спорно во личните карти да се внесе и етничката припадност.