Заев: Уставните измени овозможија во личните карти да стои етничка припадност

Лична карта и возачка дозвола.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со законот што бил прифатен со уставните измени, била дадена опција за впишување на етничката припадност во личните карти.

„Опцијата да се впишеме како сме етнички припадници, значи покрај тоа што сме Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, да можеме да се пишеме етнички како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми или слично. Личната карта пред се е документ за лична идентификација“, изјави Заев.

Изјавата на Заев доаѓа по предлогот на Движењето БЕСА етничката припадност на граѓаните да биде наведена во личните карти, предлог кој е во собраниска процедура.

Група пратеници на БЕСА се предлагачи на законот за изменување и дополнување на законот за лична карта по скратена постапка.

Заев вели дека „убавината“ е што граѓаните личните карти ги користат за патување во соседството и оти наведувањето на етничката припадност во нив би можело да биде проблематично за патувањето во регионот, но дека „тоа не е доволна причина“ во нив да не биде ставена етничката припадност.

За предлог законот денеска реагираа некои пратеници во Собранието. Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз смета дека предложените измени на Законот за лична карта, со кои се предвидува да биде впишана етничка припадност се „апсурдни“ и посочува дека можат да предизвикаат дискриминација на граѓаните и да ги повредат нивните индивидуални и колективни чувства.

Трајанов вели дека овој податок во личната карта ќе биде можност за пребројување по етничка припадност и можност за „поделби, затворање во етнички гета, нарушување на еднаквоста пред законите и институциите, расправии, нетрпеливост, омраза, па дури и физички пресметки“, вели тој.

„Без разлика што сите партии застапени во Собранието досега немаа забелешки (некои еуфорично ги прифаќаат измените), сугерирам уште еднаш да се преиспитаат овие измени кои треба да се вградат во документ за идентификација, во кој воопшто не се важни податоците за етничката припадност, освен ако не се „предвидува“ во иднина стекнување предност и права поврзани со етничката припадност“, соопшти Трајанов.

На предлог законот за зименување на личните карти партијата Левица поднесе над 1.200 амандмани. Од партијата соопштија дека се против етничка поделба во било кое поле на општеството и поради тоа остро се спротиставуваат на овој предлог закон.