Претставници на ЕУ ќе ги следат изборите во Косово

Илустративна фотографија.

Претставници на државите членки на ЕУ заедно со останатите меѓународни актери ќе бидат присутни на бројните избирачки места на изборите во Косово на 14 февруари, потврдија претставници на ЕУ во Брисел.

На прашањето на Радио Слободна Европа како ЕУ гледа на заканите и заплашувањата на српските гласачи и кандидати кои не се дел од Српската листа, како што е наведено во извештајот на Европската комисија (ЕК), еден од портпаролите на ЕК во писмен одговор наведе дека бриселските институции очекуваат да бидат организирани кредибилни, инклузивни и транспарентни избори низ Косово.

Во извештајот на ЕК за напредокот на државите на Западен Балкан објавен во октомври 2020 години, е наведено дека кампањата за изборите во Косово во 2019 година била конкурентна, освен во областите со српско население каде била нарушена со застрашување и закани кон кандидатите и притисок кон партиите кои не се дел од Српската листа.

„Важно е сите гласачи да можат да го остварат избирачкото право, слободно и без политички притисок. Сите клучни актери, институции и политички партии сносат одговорност тоа да го обезбедат“, се вели во одговорот за РСЕ.

Од Брисел порачуваат дека претставниците на ЕУ редовно разговараат со релевантни соговорници за прашањето за изборите и потрената за применување на претходните препораки од европските набљудувачки мисии.

Во недела на 14 февруари во Косово ќе бидат одржани предвремени парламентарни избори.

Распишувањето на изборите следува откако Уставниот суд на Косово оцени дека Владата на Авдулах Хоти не е легитимна, бидејќи гласот на пратеникот Етем Арифи бил неважечки имајќи во предвид дека е правосилно осуден на една година и три месеци затвор, поради проневера на субвенции кога гласал за избор на влада.