Про-ЕУ претседателката на Молдавија во тешкотии околу формирањето нова влада

претседателката на Молдавија Маја Санду

Парламентот на Молдавија не го одобри изборот на претседателката Маја Санду за нова влада, отворајќи го патот за предвремени избори, кои Санду ги поздрави како шанса да ја згоолеми нејзината моќ против про-московската Социјалистичка партија. Поранешната економистка на Светска банка, Санду победи на претседателските избори во ноември против актуелниот претседател Игор Додон, ветувајќи дека ќе се бори со вкоренетата корупција и ќе ги подобри односите со Европската унија.

Молдавија од денеска со нов претседател, Маја Санду

Таа го обвини парламентот, во кој сè уште доминираат пратениците на Додон, дека се обидува да го саботира нејзиното претседателство. Сепак, таа вели дека предвремените парламентарни избори се начин за консолидирање на нејзината моќ. Санду во јануари ја номинираше поранешната министерка за финансии Наталија Гаврилита за премиер, но нејзините сопствени пратеници гласаа против Гаврилита. Санду ќе треба да го распушти парламентот ако два пати не успее да назначи влада во рок од 45 дена.