Се чека одобрение на "Фајзер" за вакцините од Србија

Илустрација.

Антиковид-вакцините на „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија, а неколку недели чекаа на одобрение од производителот за да влезат во земјава, ќе пристигнат наредните денови и ќе бидат првите 8000 со кои и кај нас ќе почне имунизацијата.

Од Владата за Радио Слободна Европа денеска потврдија дека примопредавањето на вакцините е одложено поради технички причини наведувајќи дека владите на двете земји се во постојана комуникација.

"Известени сме дека документацијата од страна на Република Србија е целосно комплетирана. Во моментов се очекува во најбрз можен рок компанијата Фајзер да издаде документирано одобрување до Република Србија по што веднаш ќе се реализира примопредавање", се наведува во одговорот на Владата.

Од таму дополнуваат дека "откако вакцините ќе влезат во Република Северна Македонија, ќе биде обезбедена домашната документација и за таа процедура не постои никаков проблем".

Од Владата наведуваат дека Северна Македонија е благодарна на Србија за поддршката што ја дава со пратката вакцини со што би почнал и процесот на имунизација во земјава.

За пријавување за вакцина против КОВИД-19, заинтересираните граѓани од вчера може да се регистрираат на веб-страницата https://vakcinacija.mk, за која имаше проблеми во функционирањето и се правеа завршни технички прилагодувања за целосна функционалност.

Министерството за здравство информира дека досега 25.401 илјади граѓани ја имаат пополнето апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk“

Вакцините нема да стигнат денеска, фали некој документ

Премиерот Заев вчера изјави дека за пет дена се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“. Нив ги очекуваме на 15 или 16 февруари, земјава го регулира плаќањето за, како што рече премиерот, да може да се испланира пакувањето, обезбедувањето на превозот од Кина до Скопје. Од понеделник, односно во втората половина на месецов, треба да ги добиеме и првите дози од „Фајзер“ од директно склучениот договор со овој производител.

"Отворени ни се механизмите на набавка на Фајзер, АстраЗенека и Модерна преку КОВАКС-системот. Преку ЕУ секој ден очекуваме ново решение. Комесарот Вархеји најави 70 милиони евра, зборува дури и за авансно плаќање, само час поскоро да стигнат вакцините за Западен Балкан", рече Заев.