Почна првата фаза за креирање Национална развојна стратегија

Вицепремиерот Фатмир Битиќи

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј, постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан денеска одржаа средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, на која го информираа за започнување на првата фаза на проектот Национална развојна стратегија 2021- 2041.

Како што соопшти Кабинетот на Битиќи, првата фаза од креирањето на овој стратешки документ ќе биде финансирана од Британската амбасада во Скопје, со техничка поддршка од страна на ОН, преку УНДП, а ќе резултира со методологија и оперативна структура која ќе се примени при развивањето на стратегијата, што ќе претставува втора фаза на проектот.

Методологијата, како што се наведува во соопштението, ќе биде инспирирана од современи и иновативни модели на развој, адаптирани на домашниот контекст и базирани на широка и значајна консултација со сите засегната страни.

„Со тоа ќе се овозможи Националната развојна стратегија да отслика меѓугенерациски, родов, меѓутнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе“, се додава во соопштението.