Вонреден конгрес за смена на Мицкоски

Архивска фотографија, прес-конференција на Христијан Мицкоски, ден по предвремените парламентарни избори 2020

Со потписите од околу триста делегати од последниот конгрес, иницијативниот одбор ќе организира вонреден конгрес за смена на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Вонредниот конгрес е предвидено да се одржи на 28 март во Скопје.


„Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес. ВМРО-ДПМНЕ секогаш била столб кој ја штител Македонија и интересите на граѓаните кои живеат во земјава“, велат од Иницијативниот одбор.

Во соопштението тие велат дека во наредните денови ќе ги формираат телата за спроведување на конгресот и дека ќе го промовирале слоганот, а и дистрибуција на покани и материјали за делегатите. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски била руинирана до непрепознатливост и затоа партијата прфетрпела редица изборни порази.


Мицкоски беше избран за лидер на партијата во декември 2017 година на конгресот во Валандово. Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ претходно ја прифати неотповикливата оставка на лидерот на партијата, Никола Груевски.

Антонијо Милошовски од ВМРО ДПМНЕ на прес конференција на новинарско прашање изјави дека оваа иницијатива не е статутарна, ниту е правна, туку е политичка иницијатива на група на луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев.

„На крајот на краиштата бидејќи и самиот месец март е најавен од самите иницијатори би било добро овие иницијатори заедно со Заев кој што најави исто така конгрес на СДСМ да одржат сплотени со Заев еден заеднички конгрес ако веќе одработуваат за Заев нека биде тоа на еден економичен начин на исто место и со иста цел“, изјави Милошовки.

Тој додаде дека воопшто не сее изненадени од ваквиот чекор, кој според него е политички координиран со Заев.