Министерството за култура раскина договори од милион евра, се прави финансиска контрола

Илустрација - Министерката за култура, Ирена Стефоска

Министерството за култура во периодот од 1 септември 2020 до 31 јануари 2021 година, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскина договори во вкупен износ од 70.776.722 денари, односно повеќе од 1 милион евра, соопшти денеска прес-службата на Министерството за култура.

Министерството, како што информираа, спровело внатрешна ревизија, а наодите од ревизијата по службена должност ги испратило до Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерството за финансии, до Финансовата полиција и до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

„Во согласност со усвоените заклучоци од вчерашната седница на Владата, Министерството за култура нема да ги исплаќа средствата кон другите корисници до завршување на финансиските контроли, а со цел заштита на буџетските средства“, соопшти денеска Министерството.

Оттаму очекуваат Финансовата полиција и ДКСК во најбрз можен рок да постапат заради расчистување на евентуални злоупотреби.