Пописот е статистичка операција што мора да ја направиме, тоа е наша должност, изјави денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи го повикот одопозицијата за негово одложување.
„Пописот е од 1 до 21 април како што е предвиден и тој треба да се заврши. Иако се испрати апел дали треба нешто да се промени, уште еднаш повторувам – летото никаде не се прави попис, септември е кампања за избори, октомври се редовните локални избори. Ако одложуваме, кога? До мај да одложуваме? Што ќе смени тоа? Така што треба да се фокусираме сите одговорно да излеземе да го завршиме пописот“, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата.
Заев денеска одговори и на барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, кои вчера ги побара Христијан Мицкоски со образложение дека на Македонија ѝ треба ново водство за „да ја спаси“ и дека „од Месечината се гледа дека треба да има избори“.
„Не знам кои космонаути гледаат од Месечината како тоа ќе се случува, но јас тврдам дека вонредни парламентарни избори нема да има заради тоа што не носат ништо добро на државата. Земјата поминала неколку циклуси на предвремени избори и сега е време за насочување кон економијата“, рече Заев.
Иако вели дека нема потреба од предвремени избори, Заев му одговори на Мицкоски дека „ако сега се одржат парламентарни избори, наместо сегашните 46, коалиција на СДСМ би имала 50 пратеници“.