Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, ја критикуваше изјавата на премиерот Зоран Заев од понеделникот дека „Бугарија е непринципилена и ја спречила меѓувладината конференција на Македонија со Европската унија (ЕУ), со што требаше да биде означен почетокот на преговорите за членство во Унијата“, јави МИА од Софија.
Захариева, во критиката за изјавата на македонскиот премиер, вели дека непринципиленост е да се вопитуваат генерации со „омраза кон соседна држава“.
„Принципиелно ли е да воспитуваш генерации по генерации со омраза кон соседната држава и целиот нејзин народ. Проблемот е дека се негува омраза кон Бугарите, дека не се исполнува Договорот. Не може во 21 век да продолжуваат овие форми на секаков вид дискриминација“, рече Захариева во одговор на изјавата на Заев и додаде дека Со сигурност има затегнување во односите меѓу двете држави и дека „да се смират емоциите“.
На дебатата на американскиот Атлантски совет во понеделникот премиерот Заев рече дека "Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и чувствуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а сегашниот бугарски став е анахрон и е спротивен на меѓународното право“.
Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка на ЕУ и Македонија, со образложение дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство. Софија инсистира и на тоа Македонија да признае бугарски корени.