Премиерот Зоран Заев по средбата со претставници на Сојузот на средношколците соопшти дека низ дијалог треба да се изнајде компромисни решенија.
На средбата, информираат од владината прес-служба, средношколците, како претставници на Сојузот му ги образложија на премиерот Заев своите барања, повикувајќи се на образовните модели во Франција, Белгија и Обединетото Кралство, каде е намален бројот на предмети, кои матурантите ќе ги полагаат годинава.
Средношколците остануваат на своите барања за намалување на предметите за државната матура на два екстерни предмети. Премиерот изрази поддршка на младите средношколци и истакна дека Владата е отворена низ дијалог да разговара за изнаоѓање заедничко компромисно решение, кое е во полза на матурантите, со цел нивно квалитетно образование и во средното и понатаму во високото образование, стои во соопштението.
Мартовско кампување пред МОН, ако нема промени во матурата
Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата изјави дека премиерот Зоран Заев има волја што побрзо да се најде некое решение за проблемот со државната матура за да не изгубат време матурантите кои планираат да се запишат на странските универзитети, како и дека дискутирале кои се можните компромисни решенија доколку измените на Законот не се гласаат во Собрание.