Собранието му ја враќа на Мицкоски Иницијативата за пописот, згрешени се името на државата и на законот

Допис од Собранието до Мицкоски.

Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот, напиша во објава на Фејсбук претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Опозициската партија испратила Иницијатива до Собранието за носење закон за престанок на важење на Законот за попис, според кој закон пописот треба да се одржи во април годинава. Но, како што пишува Мицкоски, од Собранието му одговориле дека „не постоела институцијата Собрание на Република Македонија“.

„Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува. На утрешната седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот“, напиша Мицкоски, кој во објавата споделува и допис од Собранието.

Претходно денеска во изјава за медиумите Мицкоски рече дека по поднесувањето на Иницијативата за поништување на Законот за попис, очекува собирањето потписи да почне најдоцна за еден месец и оти сега треба претседателот на Собранието да ја достави до матичните комисии, кои ќе ја оценат нејзината исправност. Доколку Владата, сепак реши да предложи одложување на пописот, Мицкоски рече дека за нив идеално време за попис е пролетта 2022 година, и оти јуни – јули „никој не прави попис“.