Здравствени работници во Косово ќе ги тужат политичарите ако се зголеми бројот на заболени од ковид-19

Ккосовскиот политичар Албин Курти говори на предизборен митинг во Косово.

Сојузот на здравствените синдикати на Косово (СЗСК) најави дека ќе покрене обвиненија против политичарите, доколку поради партиските собири за вонредните парламентарни избори на 14 февруари, порасне бројот на заболени од ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение косовските здравствени работници наведуваат дека патриотизам и грижа кон земјата покажуваат само оние кои ги почитуваат мерките со кои се спречува ширењето на ковид-19, носење заштитни маски и држење растојание, а тоа, како што стои во соопштението, не може да се види кај ниедна политичка партија, без исклучок.

Досега во Косово се регистрирани 62.782 заболени од ковид-19. Од нив починале 1.528 заразени, додека активни носители на коронавирусот се 6.814 лица.