Борел - Русија се движи по авторитарен пат

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и европскиот дипломат Жозеп Борел во Москва.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел изјави дека Русија се движи по „авторитарен пат“. Тој рече дека за време на неговата посета на Москва минатата недела се покажала оти Русија оди по „загрижувачка, авторитарна рута“ со која се затвора патот за демократија и владеењето на правото. Тој говореше пред Европскиот парламент за да извести за неговата посета на Москва. Борел вели дека Кремаљ нема намера да развива конструктивни односи ако човековите права се дел од разговорот.

„Тие се безмилосни“, рече Борел, кој во посета на Москва беше од 4 до 6 февруари.

„Сегашната структура на моќ во Русија, комбинирајќи ги со економските интереси, воената и политичката контрола, не остава простор за демократско владеење на правото“, додаде тој.


Односите меѓу Москва и ЕУ се сериозно затегнати од руската анексија на украинскиот регион Крим во 2014 година и руската поддршка за сепаратистите кои се борат против официјален Киев во делови на источна Украина. Односите меѓу двете страни дополнително се затегнаа по претседателски избори во Белорусија, бидејќи ЕУ не ги признава резултатите од изборите, а имаат несогласувања и за други прашања. Последно во низата е односот на Русија кон рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.