Хотелиерите бараат да имаат приоритет за ковид вакцина

Илустрација

Хотелиерите во Македонија бараат да имаат приоритет при вакцинирањето против ковид-19, бидејќи на тој начин, како што велат, ќе се покажело дека земјата е безбедна туристичка дестинација, каде гостите ќе се чувствуваат безбедно, но и за да има успешна туристичка сезона. Тие, како што пренесе МИА, ова барање го изнеле на денешната средба со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.

„Со вакцинацијата на вработените во туристичкиот сектор ќе се даде слика дека ние сме безбедна дестинација и во сезоната 2021 секој гостин, домашен или странски да се чувствува безбедно. Што поскоро да се донесе вакцината и да се почне со вакцинирање“, порачал претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески, пренесе МИА.

На средбата тој додал дека ќе биде побарано да се дополнат протоколите за поголема безбедност на гостите.

Денеска министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека од утре ќе биде пуштен интернет сајтот преку кој граѓаните сами ќе се пријавуваат за вакцинирање против ковид-19, а системот ќе ги одредува приоритетните лица. Филипче информираше и дека вакцинацијата ќе се одвива на 8 пунктови во Скопје и на стандардните вацинални пунктови за сезонски грип во другите градови. Точен датум кога ќе почне вакцинацијаа со кинеските вакцини не кажа.