Од утре ќе биде отворен интернет сајтот преку кој граѓаните ќе може да се пријават за вакцинација против ковид-19, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, по обиколка на поликлиниката Бит Пазар каде се сместени фрижидерите каде ќе се складираат вакцините.
„Ќе може да се пријави буквално секој за вакцинација, а системот автоматски ќе ги генерира приоритетните“, рече Филипче и додаде дека дневниот капацитет за вакцинирање е 880 лица во сите седум поликлиники што се под Здравствен дом во Скопје, а дополнителни 500 ќе бидат во пунктот кај Клиничниот центар во Скопје.
Во другите градови низ Македонија вакцинирањето ќе се спроведува во вакциналните пунктови според праксата за вакцинирање од сезонски грип. Засега се пријавени 4.000 здравствени работници од кои околу 2.000 се во Скопје, а другите се од градовите низ земјава.
Филипче вчера го потпиша договорот за 200 илјади кинески вакцини со кои ќе почне вакцинирањето во Македонија, најваи нивно скоро пристигнување во земјата, а ни денеска не кажа прецизен датум кога ќе почне имунизацијата. Во меѓувреме се чекаат вакцините преку Ковакс системот, а се чека одговор и од производителот Фајзер.
Според Филипче, поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје ќе работи во две смени со три пункта и таму ќе може да се вакцинираат по 240 луѓе на ден. Заради заштита на децата кои примаат редовна имунизација, тие ќе се препраќаат од Бит-пазар во поликлиниката во Ѓорче Петров. Едно вакцинирање би траело околу 10 минути, но според најавата од министерот, со тек на време, тоа би можело да се намали на 5 минути.
„Доколку има потреба за повеќе луѓе за вакцинирање, се размислува и модуларните болници да бидат употребени како вакцинални пунктови“, рече денеска Филипче.
На прашањето дали граѓаните ќе можат да изберат со која вакцина против ковид-19 ќе може да се вакцинираат, министерот рече дека кога ќе има повеќе вакцини на располагање, тогаш ќе може да се зборува и за избор на вакцина. Во однос на тоа како ќе оди анкетирањето на граѓаните преку матичните лекари и како ќе се врши контрола над тоа Филипче рече дека „ќе има потврда назад дека матичните лекари им се јавиле на граѓаните, по што назад се враќа информација за изразена волја за вакцинација и се прави распоред согласно местото на живеење за пункт за вакцинација“.
Според министерот, засега нема индикација дека треба да има заострување на мерките.