Премиерот Зоран Заев оцени дека сегашната позиција на Бугарија во односите меѓу двете соседни земји е анахрона и спротивна на меѓународното право. Тој на видео дискусијата во организација на Атлантскиот совет посочи дека нема да преговара со Софија за , како што рече, „дека сме Македонци кои зборуваме на македонски јазик“. „Нашиот став е дека пријателите не треба да се блокираат едни со други. Напротив, тие треба да си помагаат едни на други. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да избираме и да се чувствуваме како Македонци што зборуваат на македонски јазик, притоа почитувајќи ги сите“, рече Заев.
САД со поддршка за евроинтеграцијата и проблемот со Бугарија
Во дебатата учествуваа, меѓу другите и поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, амбасадорот Роберт Гелбарт, како и Мајкл Карпентер и Џејмс Обријан од транзицискиот тим на американскиот претседател Џо Бајден и Демијан Марфи од Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат.