Борел: Русија отфрли поконструктивен дијалог со ЕУ

Шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја напуштаат заедничката прес-конференција по нивните разговори во Москва, 5 февруари 2021 година

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изрази длабока загриженост во врска со одбивањето на Русија да има „поконструктивен“ дијалог со ЕУ и ги повика земјите членки да одлучат за понатамошните мерки, вклучително и можноста за санкции. „Руските власти не сакаа да ја искористат можноста за поконструктивен дијалог со ЕУ. Жално е ... Останува на земјите-членки да одлучат за следните чекори, а тоа може да вклучува и санкции“, напиша Борел на Твитер по враќањето од посета на Москва.

Борел: Случајот со Навални ги отежна односите ЕУ - Русија

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе имаат состанок на 22 февруари на кој ќе разговараат за посетата на Борел на Русија од 4 до 6 февруари. Тие треба да решат за мерките против Русија, која одбива да го ослободи затворениот опозициски лидер Алексеј Навални и која протера тројца европски дипломати додека Борел беше на состанок со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Москва ги прогласи дипломатите од Германија, Полска и Шведска за непожелни заради наводно учество во неовластени протести одржани за поддршка на уапсениот опозиционер Алексеј Навални. Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се вели дека постапките на дипломатите се „неприфатливи и неспоиви со нивниот дипломатски статус“.