Министерството за здравство, како што е најавено, денеска треба да потпише договор со кинескиот производител „Синофарм“ за купување на 200 илјади вакцини против Ковид-19. На дневно ниво ќе се вакцинираат од 2.000 до 2.500 граѓани. Вакцинираните ќе добијат сертификат и ќе фигурираат во здравствениот електронски систем дека ја примиле вакцината против коронавирус, извести министерот Венко Филипче. Оптималните температури на која се чува кинеската вакцина е од 2 до 8 степени Целзиусови, а според Филипче веќе се подготвени капацитети и системот за нивен транспорт и дистрибуирање.
На повидок вакцинација со кинеските вакцини
Сите детали околу начинот на вакцинирањето се познати, но сѐ уште не се знае кога ќе пристигнат првите дози во земјава и кога се очекува да стартува процесот на имунизација. Граѓаните веќе од следната недела ќе можат да закажат термин за вакцинирање преку системот „Мој Термин“. Лицата под 18 години нема да се вакцинираат, а претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, информираше дека со вакцината „Астра Зенека“ нема да се вакцинираат ниту граѓаните над 65-годишна возраст. Покрај кинеската вакцина, во исчекување се и првите 80 илјади вакцини обезбедени преку механизмот КОВАКС, како и 800 илјади дози од „Фајзер“, не вклучувајќи ги оние количини кои земјите соседи ги ветија за нашата земја. Во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници и лицата над 70 години. Со овие вакцини ќе се имунизираат 100 илјади граѓани, кои во рок од 21 ден треба да ја примат и втората доза.