Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја може да ја користи руската вакцина „Спутник V“ против ковид-19 веќе следната недела. Тој порача дека здравствените власти ги вршат последните тестови за употреба на вакцината. Унгарија би била првата земја на Европската унија што би ја одобрила вакцината, која Русија ја регистрираше во август минатата година, пред почетокот на спроведувањето на големи клинички испитувања или податоци, покренувајќи многу прашања во врска со безбедноста и ефикасноста на вакцината.
Сепак, резултатите од испитувањата во доцната фаза објавени во меѓународното медицинско списание „Лансет“ оваа недела покажаа дека режимот со две дози на „Спутник V“ е 91,6 проценти ефикасен против симптоматскиот ковид-19.
Земјите од ЕУ досега скоро целосно се потпираа на вакцината Фајзер-БиоНТех, но здравствените власти на Унгарија и дадоа прелиминарно одобрување на вакцината „Спутник V“ минатиот месец.
За време на денешната посетата на Москва шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека се надева дека Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе ја одобри вакцината за употреба во ЕУ.
„Како што знаете, ние се соочуваме со недостиг на вакцини“ и друг извор би бил добредојден“, рече високиот претставник на ЕУ за време на прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.